Се гради турската чешма во Куманово

 Јавната чешмата се гради на местото на некогашната Брегалничка чешма, до слаткарницата Баш Пеливан. 

Се гради турската чешма во Куманово

Започна изградбата на турската чешма во Куманово, донација од заменик градоначалникот на Истанбул Ѓоксел Ѓумушдаг. Веќе десетина дена се изведуваат градежните работи за поставување на чешмата, која треба да биде готова до Денот на градот.

Јавната чешмата се гради на местото на некогашната брегалничка чешма, до слаткарницата Баш Пеливан.  

При неодамнешната посета на Куманово, заменик градоначалникот Ѓумушдак изрази желба да изгради јавен објект во знак на сеќавање на неговото семјство кое до 1958 година живеело во Куманово. Покрај мермерната чешма просторот ќе биде и хортикуктурно уреден, опремен со клупи и осветлен со канделабри.-вели секретарот на Општината Валентина Алексовска, која денеска со помошник раководителот во Секторот за урбанизам Момчило Јовановски излегоа на терен да видат како се одвиваат работите.

Граѓаните што живеат во околните куќи се презадоволни од идејата на тоа место да никне јавна чешма.

Моето семејство живее овде над 100 години и на времето го држевме хотелот Брегалница. Пред него, токму на местото каде што сега се гради, имаше чешма која ја викаа Брегалничка чешма. Постојано течеше вода и во тоа време луѓето кои доаѓаа од селата пиеа вода и го одмараа својот добиток. Убава е идејата да се возобнови ова место иако времињата се сменија.-вели сопственикот на сегашната чајџилница.

Чешмата ќе биде со површина од 4 метри квадратни, а целиот простор околу неа ќе зафаќа 25 квадрати. Локацијата и проектната документација ја изготви Општината Куманово, а изградбата ја финасира заменик градоначалникот на Истанбул Ѓоксел Ѓумушдаг.