04. Apr 2018 20:11 Кумановци не се Швајцарци сеуште фрлаат ѓубре од тераса, обвини Димитриевски

Градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски ги обвини граѓаните дека поради лошите навики и недостаток на еколошка култура, ѓубрето го фрлаат од тераса.

Thumbnail

   Тој посочи пример дека пред негови очи жена фрлила вреќа со смет од 16 кат во центарот на градот.

„Кај нас сеуште се фрла отпад од тераса, од 16 кат во контејнер, се тренира една нова дисциплина- стрелаштво. Да бевме Швајцарци можеби ќе беше поинаку, за жал овде живееме 115.000 кумановчани, меѓу кои сум и јас, и ќе треба време и време дополнително да се едуцираме да стекнеме навики за селектирање на отпад“, - рече Димитриевски на денешната седница одговарајќи на прашање на советникот Зоран Петрушевски, кога ќе започне да се селектира отпадот во градот.

Петрушевски се огради од изјавата на градоначалникот дека кумановци не се Швајцарци, на што Димитриевски возврати: „Нека и служи на чест на госпоѓата која од 16 кат ја фрли вреќата со ѓубре пред мои очи“.

Дека изјавата на градоначалникот не е без основа се согласуваат и граѓаните, кои велат дека поединци толку се безобразни во своите лоши навики, поради што градот го затрпаа со смет и на секој агол направија дива депонија.  Затоа апелираат до Димитриевски да ги спроведе најавите од предизборната кампања и да ја стегне локалната администрација и инспекциските служби да си ја вршат работата за која се платени, да ги санкционира несовесните граѓани и да обезбеди чиста и здрава животна средина за граѓаните.